Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да и продадат борбени авиони Ф-35 на Турција, бидејќи Анкара одлучи да купи ракетен систем С-400 од Русија.
Тој во Белата куќа рече дека Турција порачала повеќе од 100 авиони Ф-35, но дека поради купувањето на рускиот ракетен систем САД не може да и продаде авиони вредни милијарди долари.
Исто така, рече дека ситуацијата со Турција поради набавката на С-400 е комплексна.
Кандидатот на американскиот претседател за нов министер за одбрана Марк Еспер, пак, изјави дека е вознемирен поради одлуката Турција да и се спротивстави на САД со купувањето на рускиот ракетен систем.
– Тоа е многу обесхрабрувачки како тие се занесоа во изминатите неколку години, рече Еспер на состанокот за неговата кандидатура во Одборот на американскиот Сенат за вооружени служби.
САД во неколку наврати ја предупредија Турција дека ќе и наметнат санкции и ќе ја исклучат од програмата за борбени авиони Ф-35, доколку Анкара не отстапи од купување С-400.
Турција одби да се повлече и покрај притисокот на САД, истакнувајќи дека купувањето одбранбен систем е национален суверенитет.
Испораката на ракетниот систем С-400 од Русија во Турција почна на 12 јули.