Американскиот претседател Доналд Трамп, по повод одлуката на Фејсбук да ги забрани профилите на некои „екстремни личности“ порача дека ја следи „цензурата“ на која се изложени американските граѓани на социјалните мрежи.

– Ова се Соединетите Американски Држави и ние го имаме она што е познато како слобода на говорот. Внимателно следиме и набљудуваме, напиша Трамп на Твитер.

Фејсбук неделава ги забрани профилите на некои личности, наведувајќи дека тие ја прекршиле забраната на компанијата која се однесува на „опасни поединци“.

Фејсбук ги укина профилите на лидерот на верската група „Исламски нации“, Луис Фархан и на американскиот водител Алекс Џонс, како и на неговата веб-страница на Инфоварс, позната по промовирање теории за заговор.

Компанијата, исто така, ги отстрани профилите на десничарите Пол Нелен, Мило Џианопулос, Пол Џозеф Ватсон и Лаура Лумер.

Трамп претходно тврдеше дека социјалните мрежи покажале предрасуди кон конзервативците, што  компаниите ги отфрлија тие тврдења како лажни.