За нас место во оваа општество нема! Вака одговорија приватните специјализанти на одлуката на Владата нивните проблеми да бидат решавани по изборите со законски измени. Револтирани што нема решение за нивните барања и денеска продолжија со генералниот штрајк и трет ден не одат во амбуланти и операциони сали, објави ТВ Сител.
-Почитуван министер дали вам толку ви е заматен погледот од партиските констелации во оваа држава што и малкуте граѓани интелектуалци што останавме не ги гледате и не им давате до значење. Ве молиме престанете да калкулирате гледајќи одозгора и сметајќи дека сите ние овде сме со некаква агенда. Праќаме јасна порака дека ние не се откажуваме, штрајкот ќе продолжи, вели Даниел Трајков, приватен специјализант на Клиника за гастроентерохепатологија.
Приватните специјализанти се гневни, бидејќи иако ги повикаа не добија никаква поддршка од лекарите со кои се секојдневно во амбулантите. Единствено професорка од Ревматологија застана денеска со нив барајќи од надлежните под итно да им ги решат проблемите бидејќи ќе нема кој да работи кога тие ќе заминат во пензија.
-Овие драги колеги со цело срце ги поддржувам бидејќи цело време се со нас во амбулантите, операционите сали, ноќните дежурства без за тоа да бидат соодветно вреднувани и да се чуствуваат како навистина почитувани граѓани. Без нив значи, нашите одделенија тешко ќе функционираат, вели проф. д-р Љубинка Дамјановска Крстиќ од Клиника за ревматологија.
Работат за 26 000 денари месечно, без ниту еден ден стаж а најтешко е ако некој од нив се разболи бидејќи немаат здравствено осигурување. Ова е сликата за пприватните специјализанти во земјата кои се најдоа и во агендите на политичките партии во предизборниот период. Едни кажуваат што направиле, други ветуваат како ќе биде, но решение сега нема.