Германија испрати оружје и опрема во вредност од повеќе од 190 милиони евра во Украина во првите осум недели од руската инвазија.

Германија даде зелено светло за испорака на воено оружје во вредност од 120,5 милиони евра и друго вооружување во вредност од 71,4 милиони евра во периодот од 24 февруари до 19 април, соопшти германското Министерство за економија како одговор на пратеничко прашање, јави ДПА.

САД досега испратија повеќе од 3,7 милијарди долари оружје и муниција ветени или веќе испорачани на Украина. Балтичката република Естонија досега има обезбедено воена помош во вредност од над 220 милиони евра за Украина.

Британските власти, пак, соопштија дека ќе обезбедат 356 милиони евра дополнителна воена помош за Украина, покрај досегашната помош во вредност од околу 237 милиони евра.

Кабинетот на премиерот Борис Џонсон објави дека Велика Британија, меѓу другото, на Украина ќе и понуди уреди за ноќно гледање, алатки за попречување на сателитската навигација, беспилотни летала за снабдување на украинските војници и оклопни возила за цивилните службеници.

Од почетокот на руската воена операција во Украина, Британија испрати повеќе од 5.000 противтенковски ракети и пет системи за противвоздушна одбрана, како и друга муниција и експлозиви. САД досега обезбедија воена помош од три милијарди долари за Украина, а минатата недела претседателот Џо Бајден побара од американскиот Конгрес да одобри повеќе од 20 милијарди долари воена поддршка.