Српскиот адвокат Срѓан Алексиќ изјави дека добил повеќе од 3.340 барања од српски граѓани кои сакаат да го тужат НАТО поради, како што е наведено, рак како последица на употребата на осиромашен ураниум.

Тој додава дека покренувањето на постапката се очекува наесен.

– Отштетата може да оди од 100.000 евра, па до 300.000 евра, имајќи ја предвид штетата што ни ја направија, вели Алексиќ.

Невозможно е, наведува адвокатот, НАТО да го има имунитетот што наводно го добиле со потпишувањето на Партнерството за мир во 2005 година, бидејќи ретроактивен имунитет не постои.

– Причинско-последичната врска ќе ја докажеме пред судот и НАТО ќе биде одговорен за сите последици предизвикани од употребата на осиромашен ураниум, рече Алексиќ.

Тој потсети дека неговиот италијански колега успешно добил повеќе од 300 правосилни пресуди и продолжува да победува.

Најмногу од оние што се жалат се војници и полицајци, а има и Албанци од Прешево и Бујановац каде што се смета дека има повеќе од два тона осиромашен ураниум. Само на Врање биле фрлени 15 тони, по претходно признание од Алијансата.

– Живите клиенти мора да дадат примерок од крв, а примероците од починатиот ќе се земаат преку биопсија, за да може во Торино со нано технологија да се утврди присуството на тешки метали и осиромашен ураниум, вели Алексиќ.

Италија е првата, но не и единствената земја од ЕУ што успеа да го добие спорот. Првиот спор од тој тип го доби во Франција, а слични имало и во Холандија и Германија.