Опозицијата бара предвремени парламентарни избори, а владејачката партија сака да го чуе гласот на граѓаните дали тие се заситени од чести изборни процеси, но и од чести тендери чии добитници се фирми или поединци блиски до власта.

На оваа тема вечерва дебатираа потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на ТВ „24 вести“.

Прашан дали ќе има предвремени парламентарни избори, Манчевски, рече дека органите и телата на СДСМ во текот на следната недела ќе ги анализираат сите аргументи и ќе донесат одлука во однос на организирање на предвремени парламентарни избори.

– Избори секако ќе има и не мислам дека премногу ќе игра големо влијание на реформските процеси дали се двојни избори или се работи само за претседателски избори. Сепак, гласот на граѓаните е оној што сакаме да го слушнеме, во однос на тоа дали се заситени од толку чести избори или можеби тоа е добра идеја за да имаме полесен начин на спроведување на реформите понатака, изјави Манчевски.

Апсолутно, нагласи Манчевски, не ја отфрламе ниту една можност, туку напротив бараме време да одлучиме и донесеме одлуките како што е редот преку нашите органи и тела на партијата.

Координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски, нагласи дека ракавицата е фрлена и бараат предвремени избори и дека тоа е барање и на граѓаните со кои секојдневно се во контакт.

– Ние имаме планирани избори кои секако ќе го закочат текот на процесот на економски развој и продолжување на сите мерки кои што оваа влада се уште сака да ги понуди. Се уште немеме видено ништо конкретно. Освен зголемување на акцизи за горивата и воведување на прогресивен данок, други реформи немаме. Од тие причини, поради сите погрешни политики водени во изминатиот период бараме избори за граѓаните од кои што пред две години бараа доверба врз основа на една виртуелна програма што не успеавме да ја видиме и сето она што беше ветено не се реализира, од тие причини бараме граѓаните да одлучат, изјави Мицевски.

Бараме, нагласи Мицевски, погрешните политики да бидат ставени на мерлива скала пред граѓаните, а тоа се избори.