Седуммината борци за Исламска држава кои во вторникот беа уапсени на Меѓународниот аеродром Скопје, а заробени во Сирија во соработка со Глобалните коалициски сили и логистичка поддршка на САД и депортирани во Македонија, биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од чаирската џамија „Тутунсуз“.

Мемиши лани беше осуден на седум години затворска казна за учество и организирање паравојска и регрутирање војници за борба во редовите на ИД.

Терористите, кои по потекло се од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар на возраст од 23 до 41 година, биле донесени со воен авион, а според полициски извори, уапсените дури биле и среќни што со лисици на рацете се вратени во матичната земја, со оглед на тоа што повеќето приведени во Сирија и Ирак биле ликвидирани.  Сите ќе одговараат по член 322а, а еден од нив и по член 394а од Кривичниот закон.

Акција за апсењето на терористите се оценува како успех, а според безбедносните служби, тоа ја подигнува безбедносната состојба во Македонија на повисоко ниво бидејќи повеќе години биле барани по потерници и процесуирани во нашата земја.

Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот, а македонските безбедносни служби во таа насока соработуваат со сите странски партнерски служби. Во таа насока, МВР во 2014 година по измените на Кривичниот законик спроведе акции против ИД во Македонија.