Папата Франциск се најде на удар на критики бидејќи ги повика младите Руси да не заборават дека се наследници на императори како Петар Велики, на кој се повика и рускиот претседател Владимир Путин кога ја оправдуваше инвазијата на Украина.

Папата во петокот имаше видео обраќање до католичката младина собрана во Санкт Петербург каде што прво прочита подготвен говор на шпански, а потоа се префрли на италијански и рече: „Не заборавајте на своето наследство. Вие сте наследници на големата Русија: големата Русија на царевите, кралевите, големата Русија на Петар Велики, Катерина Втора, голема руска империја, голема култура, хуманизам. Вие сте наследници на големата мајка Русија. Продолжете по тој пат“.

Ватикан го објави текстот на обраќањето во саботата, но го изостави последниот, импровизиран пасус. Видеото од обраќањето на Папата го поставија верските веб-страници.

„Да се ​​слушне како папата од Рим, во овој сложен историски момент, ја воздигнува Катерина Втора… за многу католици е малку чудно“, пишува во уредничкиот коментар италијанскиот портал специјализиран за католички теми Ил Сисмографо.

„Ова е навистина револтирачко“, напиша поранешниот естонски претседател Томас Хендрик на Твитер за изјавите на Папата.

Nexta, веб-страница што пренесува вести од Белорусија и Полска, објави: „Патем, католиците во Полска, Литванија и Белорусија трипати се кренаа против таа ‘просветлена империја’“.

Владата во Киев се уште не ги коментираше изјавите на Папата.