Украинската армија воведе 38-часовен полициски час во Запорожје, кој почнува денеска попладне и ќе заврши рано наутро в понеделник. Жестока битка меѓу украинските и руските сили се води за фабриката за челик Азовстал, една од најголемите во Европа.

„Сега е борбата за Азовстал. Можам да кажам дека го загубивме овој економски гигант. Всушност, една од најголемите металуршки фабрики во Европа тукушто се уништува“ вели украински министер за внатрешни работи, Вадим Денисенко.

Руската армија пак денеска објави дека за првпат употребила суперсонични ракети во Украина, среде глобалната трка за набавка на вакво оружје.

„На 18. март авионскиот систем ‘Кинжал’ со своите суперсонични балистички проектили уништи голем подземен склад со ракети и муниција на украинските воздухопловни сили кај местото Дељатин, во областа на Ивано-Франковск, во западна Украина“ – вели портпаролот на руското Министерство за одбрана – Игор Конашенков.

Официјална Москва тврди дека овој тип проектили е предизвик за системите за противвоздушна одбрана бидејќи неговата брзина е околу 12.000 км/ч.