Во светот денеска има околу 115 милиони оженети момчиња, а еден од петмина станал младоженец пред наполнети 15 години, покажуваат податоците од студијата што ја спроведе УНИЦЕФ.

Анализата на податоци за населението и бракот во 82 земји покажа дека најголем број  малолетни младоженци има во Централна Африка – 28 проценти, по што следат Никарагва со 19 и Мадагаскар со 13 проценти.

Момчињата поради брак најчесто го напуштаат училиштето, имаат ограничени економски можности, поподложни се на злоставување и имаат поголеми проблеми со менталното здравје.

– Бракот го краде детството. Малолетните младоженци се принудени да ја преземат одговорноста на возрасните за што можеби не се подготвени. Раниот брак носи рано татковство, а со тоа дополнителен притисок да го обезбеди семејството, го прекинува образование и ја намалува можноста за вработување, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

Во светот моментално има 765 милиони оженети момчиња и девојчиња од вкупно 2,2 милијарди деца.

Веројатноста за рано стапување во брак е поголема кај девојчињата, поради што се изложени на здравствени проблеми поврзани со малолетничка бременост. Една од пет жени на возраст од 20 до 24 години била омажена пред нејзиниот 18-ти роденден, а кај мажите еден од 30.

УНИЦЕФ смета дека можат да се спречат повеќе од 50 милиони детски бракови, доколку сите девојчиња завршат средно образование. Една од главните цели е до 2030 година да се спречи склучувањето детски бракови.