Канонските евангелија не кажуваат ништо за смртта на Богородица. Последен пат по име се спомнува во делата апостолски, како присутна во горната одаја во Ерусалим, по Вознесението на Исус. Потоа, таа исчезнува од Светото писмо.
Единствениот директен библиски белег е сцената под крстот, кога Исус ја препушта грижата за Марија на апостолот Јован обраќајќи и се со „Жено, еве ти син!“, а на Јован му вели „Еве ти мајка!“ Подоцна овие зборови ќе станат основа на двете спротивставени теории за тоа каде таа ги поминала своите последни денови и каде и било положено телото.
Апокрифните раскажувања во Православната црква велат дека Богородица останала да живее во Ерусалим, во домот на апостол Јован на Сион, во молитва и очекување на средба со својот Син. Според апокрифните текстови за Успението, архангел Гаврил и навестил дека по три дена ќе се упокои. Апостолите се собрале околу неа, таа го предала духот, а нејзиното тело било положено во Гетсиманијската градина, во гробницата на нејзините родители Јоаким и Ана.
Третиот ден по погребението, кога апостолите дошле да ја посетат гробницата, ја затекнале празна. Оттука и преданието дека Богородица не само душевно, туку и телесно била вознесена на небото. Настанот се слави како Успение на Пресвета Богородица, на 15 односно 28 август. Патем, не е познато на колку години починала: некои аналитичари наведуваат 60, други 72 години.
Историски гледано, овие раскажувања не биле широко распространети во најраните христијански векови. Па затоа традицијата за ерусалимскиот гроб на Богородица се јавува дури во доцноантичкиот период, а не веднаш по настанот.
Со ерусалимското предание е поврзанa и една подоцнежна легенда, зачувана кај свети Јован Дамаскин. Според неа, на Четвртиот вселенски собор во Халкидон (451 г.), византискиот цар Маркијан и царицата Пулхерија побарале од ерусалимскиот патријарх Јувенал да им ги испрати моштите на Богородица. Јувенал одговорил дека таа се упокоила во присуство на сите апостоли, но дека нејзиниот гроб, отворен на барање на апостол Тома, бил пронајден празен и единствено нејзиниот погребен покров останал во него.
Тој покров подоцна бил пренесен во Цариград и чуван во црквата „Влахерна”. Треба да се има и во предвид дека и овој извештај не потекнува од самите записи на Халкидонскиот собор, туку е подоцнежно црковно предание пренесено преку Јован Дамаскин.

Гробницата се наоѓа во долината Кедрон, во подножјето на Маслиновата Гора. Во петтиот век, во времето на патријархот Јувенал, над гробот била подигната мала осмоаголна црква. Во 614 година, при персиската инвазија, оваа горна црква била разрушена, но подземната крипта останала недопрена. Во наредните векови градбата била рушена и обновувана повеќепати, се додека во 1130 година крстоносците не изградиле нова црква со манастирски комплекс т.е. Опатијата на Света Марија во Долината Јосафатова.
Во 1187 година султанот Саладин ја разрушил горната црква, но криптата повторно била поштедена, останале само јужниот влез и скалите, а материјалот од горната градба бил искористен за градските ѕидини на Ерусалим. Во втората половина на 14 век фрањевците ја обновиле црквата. Во 1757 година, во рамки на османлиската „статус кво” поделба на светите места, Грчката православна црква презела контрола, при што фрањевците биле протерани.
Денес гробницата и црквата се под грижа на Грчката православна црква и Ерменската апостолска заедница, а во ѕидот покрај гробот постои и михраб (молитвена ниша свртена кон Мека), бидејќи местото се почитува и во исламот како гроб на мајката на пророкот Иса.
Археолошки ископувања, спроведени во 1972 година од фрањевскиот археолог Белармино Багати, покажале дека станува збор за старо гробно место од првиот век, првично уредено како семејна гробница, чиешто внатрешно одделение подоцна било издвоено и претворено во посебна светилиште-градба.
Што се однесува пак, на тезата дека Богородица го завршила земниот престој во Ефес, а не во Ерусалим, таа изгледа се потпира на аманетот со кој Исус и ја препушта грижата за неа на апостолот Јован. Според подоцнежно предание, забележано кај Иринеј и Евсевиј Кесариски, Јован по неколку години дошол во Ефес, каде живеел, работел и умрел, па се претпоставува дека со себе ја довел и Марија. Меѓутоа, ова е претпоставка, а не документиран факт. Сите извори што ја поврзуваат Богородица со Ефес се од многу подоцнежен период од времето кога евентуално таму живееле Јован и Марија.
Најраниот пишан белег за можна поврзаност на Богородица со Ефес всушност, доаѓа од писмото од Ефескиот собир во 431 година. Таму патем се споменува градот Ефес како место поврзано со Јован Богослов и Марија. И познатиот сириски епископ Бар-Хебреј од XIII век запишал дека св. Јован ја зел Марија со себе на Патмос (остров во денешна Грција, од каде МИА објави рпеортажа), а потоа заминал за Ефес, иако конкретно не прецизира каде таа го завршила својот земен пат.
Дополнително, нема сведоштво од стар хроничар или аџија кој некогаш посетил или спомнал нејзин гроб во Ефес. Напротив, во 13 век ефескиот протонотар Пердика ја посетил „славната гробница на Дева Марија” во Гетсиманија, што покажува дека дури и во Ефес во тоа време ерусалимската традиција била препознаена како вистинската.
Библискиот научник Лино Чинели истражувал од каде потекнуваат сите верзии на приказната за смртта на Богородица. Тој заклучил дека сите тие се потпираат врз еден единствен раноисториски, јудео-христијански документ, кој е составен во матичната ерусалимска црква околу вториот век. И најверојатно за литургиска употреба токму крај нејзиниот гроб во Ерусалим.

Она пак, што денес се покажува како „Куќа на Богородица” крај Ефес главно, се поврзува со визии на една жена од 19 век. Имено, Ана Катарина Емерих (1774–1824), августинска монахиња во Германија, прикована за креветот, која никогаш не била надвор од земјата, опишувала визии за последните денови на Исус и животот на Марија. По нејзината смрт, писателот Клеменс Брентано ги објавил овие раскажувања во книга, вклучувајќи опис на куќа на карпеста ридина над Ефес, во којашто наводно живеела Богородица. Според Емерих, во таа куќа Богородица и се упокоила.
Воден токму од овој опис, францускиот свештеник Жулиен Гује во 1881 година пронашол куќа на локацијата што одговарала на визијата. Ископувањата покажале дека делови од градбата навистина потекнуваат од првиот век од н.е., а биле најдени и траги од саѓосан камен, во согласност со описот на местото на огништето. Папата Лав XIII ја посетил во 1896 година, а во 1951 папата Пие XII ја прогласил за свето место.
Сепак, кога случајот за беатификација на Емерих бил разгледуван од Ватикан во 1892 година, а потоа повторно во 1928, експертите ги споредиле нејзините оригинални белешки со објавената книга и утврдиле дека Брентано не се држел строго до нејзините зборови, туку додал детали од карти, водичи и апокрифни извори.
Затоа Ватикан не можел со сигурност да утврди кои делови навистина потекнуваат од визиите на Емерих, а кои се плод на литературна дообработка од Брентано. Па, на тој основ го суспендирал процесот на нејзината беатификација. Таа сепак била беатификувана, дури во 2004 година, но врз основа на нејзиниот личен духовен живот, а не врз книгата на Брентано. Патем, ниту Емерих, ниту Брентано некогаш биле во Ефес, а во времето кога визиите настанале, градот дури не бил ни ископан.
Католичката црква до денес официјално не се произнела ниту во прилог, ниту против автентичноста на куќата иако го почитува местото како светилиште. Денес, локацијата (позната како Meryemana Evi) е меѓу најпосетуваните места за аџилак во регионот и за христијани и за муслимани.
Што ќе рече, двете традиции не стојат рамноправно во историските извори. Серија апокрифни текстови напишани меѓу II и V век, речиси едногласно го сместуваат гробот на Богородица во Гетсиманија. Ова го потврдуваат и археолошките наоди. Базиликата над светото место во Ерусалим датира од преминот од IV кон V век, а во 451 година ерусалимскиот епископ Јувенал отворено сведочел за постоењето на тој гроб.
Ерусалимската е постара, потврдена со континуирана градежна и литургиска историја од петтиот век наваму и таа ужива признание кај народот уште од средниот век. Ефеското предание пак, наспроти тоа е популаризирано повторно врз визии од 19 век чијашто веродостојност и самиот Ватикан ја довел во прашање. бдн/дј

Влезот во црквата во Ерусалим

Гробницата на св. Јоаким и Ана

Гробницата на Праведен Јосиф

Внатрешноста на црквата во Ерусалим


МИА




