Косовското Собрание, без гласовите од пратениците на Српска листа, на денешната пленарна седница усвои три закони за трансформација на досегашните Безбедносни сили (ФСК) во Војска на Косово.

За трите закони, за Министерството за одбрана, за ФСК, и за службување во ФСК, гласаа сите 107 пратеници присутни на седницата, од 120 колку што вкупно брои косовскиот Парламент.

Името на силите нема да биде променето бидејќи за тоа се потребни измени во Уставот и според анализи, без гласови од Српска листа тоа нема да биде можно.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Приштина по ниту еден меѓународен акт нема право да формира армија и дека КФОР има мандат од ОН со Резолуцијата 1244 да ги разоружа сите албански оружени формации.

Командантот на косовските безбедносни сили, Рахман Рама изјави дека косовската армија ќе биде во служба на сите граѓани и дека ќе извршува должност на целата територија, посебно и на север во државата. Во изминатите три месеци тие сили ги напуштија 71 припадник на српската заедница.