Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изрази жалење поради одлуката на Собранието на Косово да ги усвои законите за создавање косовска војска.

Во соопштение издадено по одлуката на косовското Собрание, Столтенберг го повтори ставот на Алијансата дека иако таа поддржува траснформација на Косовските безбедносни сили, сега е „погрешно време“ за такво нешто.

Поради оваа одлука НАТО ќе го „преразгледа“ степенот на „ангажман“ со косовските безбедносни служби.

– Двете страни мораат да се осигураат дека денешната одлука нема дополнително да ги зголеми тензиите во регионот. Сите одговорни политички актери во регионот треба да се фокусираат на реформски прогрес и на дијалог, стои во соопштението.

НАТО уште еднаш ги повика Белград и Приштина да останат „смирени“ и да избегнуваат изјави и акти кои „водат до ескалација“.

Албанија, пак, која е членка на НАТО, спротивно на жалењето на генсекот на Алијансата, го поздрави формирањето на војската на Косово. Албанскиот државен врв оцени дека одлуката е историска.

Претседателот Илир Мета преку социјалната мрежа Фејсбук и честита на косовската политика „што овозможи формирање на сопствена армија“.

-Историската одлука за формирање на вооружените сили на Република Косово јасно покажува дека Косово е способно да преземе нови одговорности во градењето демократски институции и решително да придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и добрососедството. Евроатлантскиот дух лежи во основата на оваа историска промена, напиша Мета.

Преку Фејсбук реагираше и албанскиот премиер и лидер на владејачката Социјалистика партија, Еди Рама.

Тој во својот статус трипати го повтори зборот „честитки“ придружен со знамињата на Косово, на САД и на ЕУ и со фотографија на претседателот на Косово, Хашим Тачи во војничка униформа, која ја носеше вчера при посетата на гарнизонот „Адем Јашари“.

Трансформацијата на Безбедносните сили во армија на Косово ја поздрави и лидерот на најголемата опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша.

– Честитки Косово за армијата! По независноста, втор настан од национално и историско значење. Со својата војска, Косово ќе биде побезбедено, регионот помирен, албанскот народ поинтегриран и посилен. Почит кон оние кои ги дадоа своите животи за слобода, благодарност до нашите големи пријатели кои не подржуваат, напиша Баша на Твитер.

Лидерот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави дека со усвојување на законот за формирање војска на Косово, Приштина на најгруб начин ги нападна мирот и безбедноста, повикувајќи ги Србите да бидат воздржани и да не наседнуваат на провокации.

– Денеска во Приштина, во присуство на сите меѓународни претставници пред очите на ЕУ, ОН и сте во светот, се погазени Повелбата на ОН, Резолуцијата на Сб на ОН 1244, Кумановскиот договор и меѓународното јавно право, истакна Ракиќ на прес-конференција по седница на Кризниот штаб.

Тој нагласи дека со денешната одлука Косово покажало дека не сака мир и предупреди дека КФОР е единствената сила на која и е даден мандат да носи оружје и има обврска да гарантира безбедност во северниот дел на Косово, но и во српските средини јужно од Ибар.

– Имам јасна порака за Приштина и меѓународната заедница дека нема да наседнуваме на провокации, но ќе се бориме за мир. Не сме исплашени и ќе останаме тука. Оваа одлука во Приштина, со која е загрозена Резолуцијата 1244, за нас е неприфатлива и апсолутно ја отфрламе. За нас нема никакви сили, нагласи лидерот на Српска листа.