Прилепските пензионери на денешниот протест во центарот на Прилеп пред нивното здружение го нагласија барањето од кое не се откажуваат за линеарно зголемување на пензиите од по 5.000 денари, а надоместот од антикризните мерки да влезе во основицата на пензијата.

-Нека ги тргнат тие социјални пакети. Ние имаме пензионери-социјални случаи на кои што тие им се потребни. Или, во спротивно, овие пет месеци за кои се планирани парични средства од 3000, 2000 или по 1 500 денари нека ги стават во оновицата на пензијата, а ние понатаму ќе се бориме за по 5.000 денари линеарно покачување за сите, од првиот до последниот пензионер, изјави на протестот Верче Јанческа, претседател на иницијативниот одбор на прилепските пензионери.

Пензионерите сметаат дека се манипулира со бројот на пензионерите по групи.

-Во тие две групи пензионери, министерката, односно нејзиниет соработници „сокриле“ околу 25. 600 пензионери. Значи, во втората група се 51.000, а не 25.000 пензионери, смета Јанческа.

Пензионерите го најавија утрешниот протест од повеќе градови пред републичкото Собрание, зашто сметаат дека народните избраници им се последната надеж.

– Ние ќе бидеме пред Собранието кое ни е последна алка и ќе бараме поддршка од нашите пратеници кои се избраници од народот, изјави Јанческа на протестот на пензионерите во Прилеп.

Фото:  МИА