Утре СДСМ одлучува за оставката на Заев, а Алтернатива за понудата да биде дел од Владата

/ 25.11.2021

Централниот одбор, како највиско политички тела на СДСМ и и Централното собрание на Алтернатива ќе пресечат како ќе се одвива расплетот на политичкиот ќорсокак откако опозицијата не успеа да формира парламентарно мнозинство.

Тоа пред се’ ќе зависи дали утревечер Централниот одбор на СДСМ ќе ја прифати оставката на Зоран Заев. Ако ја прифати, тогаш почнува да тече рокот од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател кој според Заев треба да биде и нов мандатар на Владата.

Но, тоа не е пречка за Алтернатива која утре на состанок на Централното претседателство ќе донесе одлука дали ќе ја прифати понудата на Заев во следните две ипол години да бидат дел од актуелната Влада.

Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Зоран Заев тврди дека парламентарното мнозинство ќе зајакне, а со Алтернатива ги врзува предизвикот за влез на Македонија во ЕУ. Сепак, ниту Заев, ниту лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кажуваат колку и што од владиниот колач бара Алтернатива, а што може да даде СДСМ и дали и ДУИ би се откажала од некои места.

Затоа по нивната средба минатата недела, и двајцата лидери изјавија дека компромис мора да направи и ДУИ. Сепак, од ДУИ јасно порачаа дека промена на нивните кадри при најавената реконструкција на Владата нема потреба да има.

А кај Алтернатива едно е јасно. Силите „ЗА“ и „Против“ влез во Владата се изедначени. Јасно е дека крилото што ја застапува тезата „ЗА“ го предводи пратеникот Скендер Реџепи. Тој пред една недела изрази верување дека партијата ќе донесе одлука да биде дел од Владата затоа што, како што вели тој, интеграцијата на земјата во Европската Унија е приоритет пред уривањето на власта и падот на ДУИ од неа.

Денеска пак, тој за МИА изјави дека Централното претседателство ќе даде само насоки, а Централното собрание, како највисок орган на партијата, ќе пресече дали партијата ќе стане власт или сепак ќе остане верна на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата.


Од истата категорија