Најмалку три македонски агенции се во преговори за увоз на работна сила од странство.

Ангел Димитров од Организацијата на работодвачи во интервју за МИА, вели дека тоа е веќе востановена практика во Хрватска и Бугарија, каде компаниите градат и интернати за престој на работниците, кои во главно доаѓаат од земјите на Средниот и Далечниот Исток.

– Има земји со 115 евра минимална плата, а нашата плата е три пати поголема. Имаат исто така и многу полоши услови за живеење и работење, вели Димитров.

Конкретно, Димитров добил понуда за работници од Непал, но се преговара и со Бангладеш, Пакистан и Индонезија.

– Ако тоа не го направиме, со селењето на младите надвор, ние ќе останеме без работници, економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Значи, државата уште сега треба да се подготви, ако тоа не се направи, да се намали и бројот на пратеници во Парламент и бројот на министри во Владата и бројот на вработени во јавната администрација, бидејќи ќе нема пари за сите, додава Димитров.

Тој смета дека е потребна либерализација на пазарот на труд, а правата од Законот за работни односи да важат подеднакво и за домашните и за работниците од странство.

– Мислам дека Македонија не е држава, како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред, вели Димитров.

За запирање на иселувањето пак, смета дека мора да се реформира структурата на образованието и стопанството, да се деполитизира општеството и да нема селективна примена на законите.