Германската канцеларка Ангела Меркел ќе има средба со рускиот претседател Владимир Путин в сабота во Германија, а главни теми ќе бидат војната со Сирија, судирите во источна Украина и енергетски прашања.
Средбата ќе биде во владината палата во Мезеберг, на 65 км северно од Берлин.
– Се очекува во фокус на разговорите да бидат билатералните односи како и конфликтот во Сирија, ситуацијата во источна Украина и енергетски теми, изјави Штефен Зајберт, портпарол на Владата.
Најважното енергетско прашање е проектот на гасоводот Северен поток 2, со кој природен гас ќе се доставува директно од Русија под Балтичкото Море до Германија.
Меркел и Путин последен пат имаа средба во Сочи во Русија во мај.