Тренерот на Вардар, Давид Дејвис на денешната прес-конференција пред средбата со Загреб во ракометната Лига на шампиони, рече дека неговиот тим со добра игра во одбраната може да освои нови бодови, важни за поминување на групната фаза.

– За да постигнеме успех не е доволна само една победа, па така, триумфот со Монпелје од минатото коло, треба да го надградиме со добар резултат против Загреб. Во Франција извојувавме голема победа која придонесе за подобрување на тимската хемија. Сепак, за да ја исполниме целта, а тоа е пласман помеѓу шесте најдобри, ни требаат уште бодови. Одиме чекор по чекор. Со добра одбрана верувам во успех против Загреб. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат во голем број да ни дадат поддршка. Се сеќавам на прекрасната атмосфера која тие ја создаваа кога бев овде пред четири години, истакна Дејвис.

Левото крило Тимур Дибиров е подготвен за исцрпувачки меч.

– Ќе има многу борба на теренот, многу нервоза, но ако сакаме да одиме во следната фаза мора да извојуваме победа над директниот конкурент. Убеден сум дека и во Загреб размислуваат така. Тие играат во добра форма и затоа имаме голем респект кон хрватскиот тим. Добро сме подготвени и само треба се држиме за планот кој го имаме за овој меч. Ќе ги дадеме сите сили само да победиме, нагласи Дибиров.

Голманот Борко Ристовски посакува со сигурна игра да се избегне драматичен финиш кога се е можно.

– Натпреварот со Загреб, можеби нема да биде многу квалитетен, но ќе биде многу борбен, доста изедначен на кој двете екипи ќе ја бараат последната шанса за пласман погоре. Не е спорно дека сме поквалитетни од Загреб, меѓутоа треба да почнеме со добра одбрана, да ги исполниме задачите што ќе ни ги додели тренерот Дејвис и да не се доведеме во ситуација да играме гол за гол во последните минути. Мора грешките д аги сведеме на минимум. Работиме напорно и на физички и на тактички план. Со доаѓањето на Дејвис клубот се издигна на едно повисоко ниво и мислам дека сме на добар пат, истакна Ристовски.

Натпреварот Вардар – Загреб е закажан за в среда во СЦ „Јане Сандански“во Скопје со почеток во 20:45 часот.

По 11 кола во А-групата, Загреб е на шестото место со осум бодови, Вардар е седми со седум бода.