Евентуалното претворање на Света Софија во џамија ќе насочи милиони христијани од целиот свет против исламот, порача Вселенскиот патријарх Вартоломеј и истакна дека „како музеј, Света Софија има можност да биде место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на народите и културите, на меѓусебно разбирање и солидарност на христијанството и исламот, што се особено неопходни и корисни за современиот свет“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во говорот по светата литургија за празникот на Светите Апостоли, Вселенскиот патријарх истакна дека храмот на Света Софија, несомнено е еден од најважните класични споменици во светската култура.

-„Класично“ е она што секогаш ги надминува границите на народите и периодот во кое бил создаден и не припаѓа само на оној што го поседува, туку на целото човештво. Во оваа смисла, турскиот народ има големата одговорност да ја истакне универзалноста на овој прекрасен споменик, порача Вселенскиот патријарх.