Партијата на демократската унија (ПУД) на сириските Курди и нејзиното вооружено крило Силите за заштита на народот, се огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија, изјави специјалниот претставник на САД за Сирија, Џејмс Џефри.

Во обраќање на Форум за одбрана во Вашингтон, Џефри посочи дека операциите на САД во Сирија би биле невозможни без „активно учество, координација и соработка на Турција“.

– Партнер на терен (на САД) од 2014 година е сирискиот огранок на ПКК, но ние не го прогласивме за терористичка организација, како што направивме со ПКК, изјави Џефри.

Според него, САД се уште се присутни во североисточниот регион на Сирија за да ја поразат Исламската држава, да ги потиснат Иранците од регионот и да го обезбедат политичкиот процес во земјата.

– Турција се согласува со сите три точки, но САД додадоа „некои услови“ кои не успеаја добро да им ги објаснат на Анкара, истакна Џефри, без да ги прецизира условите.

Турција одбива да сорабува со ПУД и Силите за заштита на народот, обвинувајќи ги дека се сириски огранок на ПКК, но САД одбиваа да ја прекинат соработката со нив.