По повод потпишувањето на протоколот за НАТО, денеска, премиерот Зоран Заев се сретна со поглаварите и претставници на верските заедници, наведени во Уставот на Република Македонија, соопшти Владата.

Верските претставници, како што стои во соопштението на Фејсбук страницата на Владата, упатија честитки до премиерот Заев за потпишаниот Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.

Заеднички била изразена верба дека тоа носи траен мир за Република Македонија, партиципација за мир во светот, но ќе донесе и целосно помирување дома, помеѓу сите граѓани кои живеат во нашата земја.

Од верските поглавари благослов за мир на небото, а од Заев мир на земјата.

– Примив честитки за потпишаниот Протокол за пристапување на нашата земја во НАТО, од поглаварите и претставници на верските заедници во Македонија, со верба дека НАТО ќе ни донесе траен мир за нашата земја. На средбата се разговараше за актуелни прашања од значење за верските заедници и заеднички изразивме согласност дека при функционирањето на државниот систем и на верските заедници треба да се почитува секуларниот карактер на државата, како што е предвидено со Уставот на Република Македонија. При тоа, разгледавме можности за подобрување на законските решенија во насока на унапредување на верските слободи и права, објави премиерот Заев по средбата на својот профил на Фејсбук.