Како никогаш досега се подготвуваме за изградба и за најголемата офанзива во дел на изградбата на патната инфраструктура во земјава, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервјуто за ТВ 21.
Тој истакна дека имало објавено меѓународен повик за избор на консултанска компанија која ќе влезе во преговори со компанијата Бехтел Енка, а потоа ќе ја следи градбата до крајниот рок, но истиот е раскинат.
– Тој повик беше раскинат, односно прекинат бидејќи компанијата која што беше избрана не достави банковна гаранција… Сега се распиша нов повик, и јас очекувам до крајот на оваа година ние да имаме одбрано консултанска куќа, вели Бочварски.
Според министерот, идеално е да успеат да ги привршат договорите со Бехтел во овој зимски период бидејќи очекува наредната пролет веќе да се влезе и со механизација на терен, проекти, експропријации..
– Зборуваме за Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево односно Гостивар до Букојчани и од Букојчани одиме со друга постапка, и потоа Требениште – Струга- Ќафасан тоа е дел од Коридор 8. И Прилеп – Битола Коридорот 10Д. Тие се четири автопатски делници, некаде преку 110 километри автопатишта. Како никогаш досега се подготвуваме за изградба и за најголемата офанзива во дел на изградбата на патната инфраструктура, вели Бочварски.
Тој додава дека секој од патиштата има своја динамика, а прв би можел да започне делот од Гостивар кон Букојчани. Како што е познато, се сменија неколку министри за транспорт и врски во оваа владејачка гарнитура, а од ветените 1.000 километри автопати досега е реализирано стопроцентно само чочекот (на фотографијата) за автопатот што го изгради претходната власт.
Целото интервју на Бочварски во ТВ 21 ќе го емитува в недела.