На 10 март 1878 година во гевгелиското село Мачуково е роден Леонид Јанков, македонски револуционер и војвода. Песната „Трба, трби гевгелиска“ е посветена на овој 27-годишен војвода.

Тој е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание. Роден е од татко Трајко и мајка Ката.

Јанков влегува во ВМОРО во својата младост и на почеток бил курир. Во 1901 година бил уапсен со Бајалската афера и лежи шест месеци в затвор. По излегувањето од затворот го убива шпионот Ристо Дојчинов. Потоа влегол во четата на Аргир Манасиев, кој бил негов прв братучед од страна на мајка му. Учествува во Илинденското востание, а по задушувањето се префрлил во Бугарија.

Во Македонија се враќа во 1904 година заедно со Томе Донев и Миле Таушанов и развил широка дејност во Богданско. Од летото 1905 година станал гевгелиски војвода.

На 29 август Ванчо Чолаков и Туше Петрушев го убиваат гркоманскиот поп во Богданци, а на 31 август се собираат со четата на Леонид Јанков. Истата вечер бил фатен курирот на четата Дељо Карабаров од Ѓавото, со помош на србоманскиот учител во Богданци шифрирано писмо било откриено и по него турските власти влегуваат во трагите на четата на Леонид и во потера бил испратени аскер од Струмица и Дојран.

На 2 септември 1905 година Леонид заедно со негови соборци, во месноста Ѓуров дол кај гевгелиското село Ѓавато, биле опколени од многуброен турски аскер и биле во битка која траела цел ден. Во борба против аскерот, откако го убил турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоубил за да не падне жив во рацете на непријателот.

Според различни извори со него загинуваат комитите Михаил Иванов Таушанов, Туше Гонов Петрушев од Богданци, Томе Киров Доновски, Тома Фириев од Стојаково. По битката телата им се погребани на гробиштата во Гевгелија.

Борбата, што ја водел заедно со уште неколкумина негови соборци траела цел ден, а за таа херојската борба и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и пошироко низ Македонија.

Песната „Трба, трби гевгелиска“ му е посветена на овој македонски јунак. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработувал со илинденските востаници и со ВМРО, а учествувал и во повеќе други акции против османлиската војска.

Во Струга е роден Христо Матов

На 10 март 1872 година во Струга е роден е Христо (Апостолов) Матов, професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација.

Се образувал во машката гимназија „Св. Кирил и Методиј” во Солун и на студиите по словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип.

Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот „Родина“. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов.

Водел остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија. Починал во 1922 година во Софија.

(Подготвил: Д.Г.)