Македонскиот возач Игор Стефановски имаше успешен викенд во Италија во првенството на TCR Italy каде во второто возење триумфираше и се искачи на пиедесталот на патеката Валелунга крај Рим.

Како што објави 24 Ауто, иако стартуваше од седмата позиција нашиот тркач стигна до триумф за голема радоста на целиот тим.

Супериорноста на трката Иџе ја покажа со предноста од девет секунди во однос на второпласираниот Алесандро Џардели. Третопласираниот Џакопо Гвидети заостануваше дури 15 секунди зад лидерот. За Стефановски ова е прва победа во новата сезона во ТЦР-шампионатот на Италија, или втор подиум по оној на омиелната патека во Имола.

Стефановски во генералниот пласман има вкупно 51 бод и се наоѓа на 10-та позиција од вкупно 27 возачи на листата.

Во саботата на првата трка Стефановски беше седмопласиран. Иџе трката ја започна од десеттата стартна позиција, а инцидентот кој го предизвика Скалвини го оневозможи да забележи и подобар пласман.

Поради излетувањето на Скалвини, трката се возеше со црвено знаме до самиот крај, што значеше дека нема да има промена на дотогашниот пласман на трката. Победата му припадна на Бриљадори, а веднаш зад него се најдоа Жардели и Тавано.