Активисти од полскиот град Грањск ја срушија статуата на контроверзниот римокатолички свештеник Хенрик Јанковски, обвинет но никогаш не прогласен за виновен за сексуално злоставување на деца, пренесоа полските медиуми.

Активистите тој чин го објаснуваат како протест против сексуалното злоставување од свештеници и системското прикривање на злосторите кои ги направила Католичката црква, објавуваат медиумите.

Полската полиција потврди дека се упасени тројца мажи на кои ќе им се суди за уништување на споменици. Локалните медиуми објавија дека тие користеле специјални ремени во рушењето на статуата, а потоа врз статуата ставиле свештеничка одора и парче од детска долна облека, како симбол на злоставување на малолетници. Статуата не е оштетена.

Јанковски кој е починат во 2010 година, бил член на полското движење Солидарност и еден од водечките свештеници кој ја поддржал тогашната опозиција против комунистичкиот режим во 80-тите години од минатиот век.

Тој во текот на доцните 90-ти години стана познат по критиките на ЕУ и по антисемитските изјави, па една година му беше забрането да проповеда.

Јанковски беше обвинет, но никогаш не беше прогласен за виновен за сексуално злоставување на деца. Тоа прашање останува отворено како дел од поширокиот скандал за сексуално злоставување во редовите на Католичката црква.