Лидерот на најпопуларната италијанска политичка партија Лига и поранешен вицепремиер, Матео Салвини, ја критикуваше ЕУ поради одолговлекувањето со донесување мерки за надминување на последиците од пандемијата на коронавирусот, дури се закани дека Италија ќе излезе од ЕУ, објави порталот Афариталијани.

– Тоа е лудост. На Европа и требаат уште 15 дена да одлучи што ќе прави и на кого и како да му помогне, ако воопшто реши да помага, и тоа во вонредни услови. Луѓето денеска умираат од воспаление на белите дробови, а утре можеби ќе умираат од сиромаштија, рече Салвини.

Говорејќи за сериозните противречности внатре во ЕУ, кога станува збор за мерки за надминување на последиците од пандемијата, Салвини рече „дека таа воопшто не е „унија“ туку легло на змии и чакали“.

– Прво ќе го победиме вирусот, а потоа ќе размислиме за Европа. Ако е потребно, ќе се збогуваме без да си кажеме и фала, рече Салвини.

Еден ден претходно беше објавено дека италијанскиот премиер Ѓузепе Конте, во текот на онлајн конференцијата на 27 лидери на ЕУ, го отфрлил конечниот документ околу мерките за надминување на последиците од пандемијата на коронавирусот. Тој им даде на колегите рок од 10 дена да изнајдат адекватно решение, кое одговара на вонредна ситуација.

Конте во таа прилика изјави дека методите кои ЕУ претходно ги разви, и кои се однесуваат на финансиската и економската политика на земјите членки, не се погодни за да се одговори на актуелните предизвици.

Италија веќе ја престигна Кина според бројот на жртви од коронавирусот. Според последните податоци, во Италија моментално од вирусот се заразени околу 80.000 луѓе, а починати се 8.165 лица.