Жена од Македонија загина во тешка сообраќајна несреќа во Грција која се случила во близина на градот Нисели на автопатот кој од Солун води кон Верија и Игуменица во западна Грција.
Според грчките медиуми, загинатата е 30-годишна скопјанка, додека три жени кои биле со неа во автомобилот се повредени.
Една од повредените Македонки била интубирана и пренесена во болница во Солун од грчката спасувачка служба и таа е во сериозна состојба. Сериозни повреди има жена на 27-годишна возраст која е на операција во болницата во градот Верија. Третата, 25 годишна жена е исто така тешко повредена, но надвор од животна опасност.
Уште едно лице, маж на 74 години е повреден во несреќата во која загина жената од Македонија.
Најоштетено и целосно згмечено од задната страна е автомобилот од Македонија. На снимките кои ги објавија грчките медиуми се гледа дека загинатата и повредените биле извлекувани со помош на пожарникари кои користеле соодветна опрема и го сечеле автомобилот.