СДСМ за да го покрие својот неуспех во делот на пензиите, односно за да го покрие намалувањето на пензиите изминатиов период, обелодени скандал за кој всушност се виновни самите тие заедно со ДУИ како коалиција. Кој ќе сноси одговорност за скандалот со ПИОМ, дали Мила Царовска или директорот на ПИОМ Шаип Зењели. Кој ќе понесе одговорност за скандалот тежок десетици милиони евра?

Овие прашања на денешната прес-конференција ги постави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Дали Мила Царовска ќе си даде оставка или директорот на ПИОМ Шаип Зењели? Најдобро е и двајцата да си дадат оставки, а Јавното обвинителство да отвори случај и да ги сослуша и актуелниот директор на ПИОМ и министерката на СДСМ, Царовска. Дали Царовска се обиде да ги прелаже пензионерите за својот неуспех како министер и вината да ја префрли кај коалициониот партнер од владата ДУИ и кај нивниот директор поставен Шаип Зењели? Ова е голем скандал за кој е одговорна директно владата. Главното прашање е дали има проневера, колкава е проневерата и кој ја извршил проневерата со парите од пензискиот фонд, рече Арсовски.

Овој скандал, додаде тој, со проневера на парите од ПИОМ кој го обзнани Царовска и кој во моментов е актуелен мора да има завршница и некој од надлежните мора да сноси одговорност, или Царовска или директорот Зењели.

– Во обид да привлечат ситни политички поени и да си ја прикријат својата неспособноста, СДСМ и ДУИ сега треба да испорачаат оставки на Царовска и Зењели и потоа да се реши случајот и да се обзнани кој од нив двајцата е виновен за овој скандал. Заради сите овие вакви афери и криминалии на власта, треба да има предвремени парламентарни избори на кои што конечно оваа криминална, транзициона влада ќе падне и ќе замине во историјата, а сите предизвикувачи на криминал ќе заминат во затвор каде што им е местото, рече портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.