Им се кине срцето на некои заради тоа што после 15 години ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, ги боли душата заради тоа што сме веќе членка на НАТО, изјави вечерва во Битола премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека „месеци се во прашање за влез во НАТО и од петни жили се обидуваат да конструираат сценарија и лаги, заради тоа што државата оди напред“.
– Ова е заеднички успех на сите. Следуваат убави денови за нашата земја. Навистина сме на правиот пат и како општество и верувам дека заслугата не е само на оваа Влада, туку од самостојноста на нашата земја, ова се две стратешки цели коишто ги исполнуваме, кои еве во предвечерието на нивното исполнување бележиме раст од 3,6 отсто, имаме раст на индустријата од 9,8 отсто, пад на невработеноста до 17,5 отсто за неполни две години, повеќе од 6 отсто е падната невработеноста и 54.000 народ се нововработени… Се реализираат мал милион проекти, рече Заев.
Овој одговор Заев го даде на новинарско прашање во врска со протестот во Битола на кој беше изразено незадоволство поради неговото присуство, како и на министрите кои одржуваат редовна владина седница.