Виетнам денеска демантираше дека киднапирал тројца активисти, кои на 18 септември беа приведени при нивниот обид да влезат во земјата од Камбоџа.

Виетнамското Министерство за јавна безбедност соопшти дека кај приведените се пронајдени две фалсификувани виетнамски лични карти. Едниот имал и норвешки пасош на свое име, додека другиот поседувал австралиски пасош на туѓо име.

Министерството, исто така соопшти дека тројцата мажи за време на испрашувањето признале дека носеле фалсификувани документи за нелегален влез во Виетнам за извршување терористички напади и саботажи.

Тие, исто така, наводно признале дека се членови на Виет Тан, продемократска група со седиште во САД, која Ханој ја означила како терористичка организација.

Организацијата „Азиски застапници за човекови права и труд“ тврди дека виетнамските власти ги привеле активистите во Камбоџа и се обиделе случајот да го прикажат како нелегално преминување на границата.