Во склоп на фестивалот „Скопско Лето“ викендов се одигра претставата „Смртта на Дантон“. Премиерата се одржа во саботата во Домот на културата во Кисела Вода, а претходните денови се одржаа и две претпремиери.

Григор Јовановски ја играше главната улога на Дантон, познатиот противник на буржоазијата и револуционер во француската револуција кој во 16 век по револуцијата му било пресудено на гилотина. „Револуцијата ги јаде своите деца“ е најпознатиот цитат од драмата на авторот на текстот Георг Бихнер.

-Во времето на национал романтизмот еден млад студент да пишува за тоа што се случува по Француската револуција е многу храбро и со ова драмско писмо Бихнер се соочува со многу критики, особено ако се земе предвид дека тоа е првата социјална револуција. Во овој мотив на тој млад човек кој што го пишува тоа дело, ја гледам и инспирацијата и мотивацијата да го одбереме овој текст за материјал на создавање на нашата приказна, вели режисерот Андреј Цветановски.

Претставата поставува многу прашања кои се актуелни и денес во социополитичкиот живот. Која е потребата од револуција? Дали вистинската револуционерна желба може да исплива низ ова време на кариеристи? Дали може таа желба да гори вистински и откако ќе се дојде на власт?

Продукцијата на претставата е на Дом на културата КВК Скопје и Театар Фабрика. Сценографијата и дизајнот е на Сергеј Светозарев, асистент на режијата е Борјан Стојков а фотограф е Јани Патче.

Улогите ги играа Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Наталија Теодосиева, Александар Михајловски, Марија Кондовска, Ане Блажовски и Кристина Гиева.

М.П.