Омикрон варијантата на коронавирусот веројатно е чекор во добра насока зашто големи се шансите ова да е крај на пандемијата, вели српскиот вирусолог д-р Миланко Шеклер.

Вирусологот оценува дека стравот кој ескалирал со појавата на омикрон бил претеран.

– Откажувањето на летовите, според мене, беше погрешно. Не треба да се штитите од вирус кој е повеќе пренослив, а помалку патоген. Во исто време имате вирус во земјата кој е многу попатоген. Тоа беше избрзано, изјави Шеклер за ТВ Нова С.

Тој додава дека „новите соеви сѐ повеќе и повеќе наликуваат еден на друг и заштитата подобро се совпаѓа“. Според Шеклер, хоспитализацијата на пациентите со делта варијантата била 5 отсто, а со омикрон е околу 1 отсто.

– Првиот сој од Вухан е најразличен од омикрон. Па, оној што се заразил во март/април 2020 година има големи шанси повторно да се зарази. Оние кои ја поминале варијантата делта имаат 30-40 отсто шанси да се заразат со омикрон. Ако сте го прележале јужноафриканскиот сој, имате шанси од околу 50 отсто. Оние кои биле заразени со алфа сојот имаат 60 отсто шанси. Оној кој бил заразен со оној првиот, сојот од Вухан, има дури 75 отсто шанси да се зарази, објаснува Шеклер.

Како добра вест, тој наведува мала студија спроведена меѓу 50-тина семејства кои имале некои од четирите хумани коронавируси, при што се обиделе да ги заразат со омикрон. Сепак, заштитата што ја имале се покажала како ефикасна и ја спречила инфекцијата со омикрон.