Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации Филипо Гранди ја пофали Република Турција за одлучноста и посветеноста во напорите да обезбеди заштита на сите луѓе во неволја и рече дека Турција е пример за целиот свет, јави Анадолија

УНХЦР соопшти дека Високиот комесар престојувал во тридневна посета на Турција и му се заблагодарил на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за обезбедувањето заштита на сите на кои им е потребна.

Гранди оцени дека политиката на Турција кон бегалците е исклучително позитивна и дека им овозможува на бегалците пристап до образование, здравство и социјална грижа.

„Турција е пример за целиот свет, не само затоа што продолжува да се грижи и заштитува милиони бегалци, туку и поради начинот на кој тоа го прави“, се вели во соопштението на УНХЦР.

Комесарот Гранди ја повика меѓународната заедница, државите и меѓународните организации да им помогнат на бегалците и на турскиот народ, кој великодушно се грижи за тие луѓе.

За време на посетата на Турција, Гранди разговараше со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и турските министри за внатрешни работи и надворешни работи, а во Шанлиурфа и Газиантеп се сретна со локалните власти, претставници на турската Црвена полумесечина и бегалци.