Владата на Косово објави дека денешната акција за апсење на четири лица е во врска со убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, и нема врска со актуелните политички случувања, јави МИА од Приштина.
Според соопштението на косовската Влада, акцијата е спроведена по налог на Специјалното обвинителство на Косово и е целосно согласно законот.
– Владата на Косово ги уверува сите граѓани дека косовската држава и нејзините органи на редот на ниту еден начин и никогаш нема да се насочат против некоја етничка или политичка група, се вели во соопштението.
Владата ги повикува граѓаните, политичките субјекти, градоначалниците, посебно оние во северниот дел, со мнозинско српско население, и другите органи, „да придонесат за одржувањето на јавниот ред, во полза на мирот и стабилноста“.
– Битно е никој да не подлегне на разните дезинформации. Зачувувањето на мирот и почитувањето на законот е во интерес на сите во Косово, се вели во владиното соопштение.
Оливер Ивановиќ, лидер на Граѓанската иницијатива Србија, демократија, правда (СДП), беше убиен на 16 јануари годинава во северна Митровица, пред седиштето на неговата партија. Досега немаше речиси никакви информации за мотивите и сторителите на убиството, а утрово, во врска со случајот, со интервенција на специјалните полициски единици на Косово РОСУ, беа уапсени четири лица.
Приштинските медиуми јавуваат дека состојбата во северниот дел на земјата, по акцијата што утрово ја спроведоа специјалните полициски единици на Косово во северна Митровица, во која се уапсени четири лица, полека се смирува и веќе не се чувствува тензија како утрово.
Екипи на порталот „Газета Експрес“ и на телевизијата Т7 јавуваат дека во северна Митровица и во другите делови во северниот дел на Косово, населени со мнозинско српско население, животот се враќа во нормала.
Кај локалното население, според овие медиуми, веќе не се чувствува вознемиреноста која се создаде при акцијата која рано утрово ја спроведе косовската полиција, при што беа пуштени сирените, а имаше информации и за пукотници. По ова, голем број вознемирени граѓани утрово се собраа на плоштадот на градот, по што градоначалникот Милан Ракиќ ги повика на воздржаност.
Во акцијата на специјалните единици РОСУ беа уапсени четири лица во врска со убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари годинава. Освен тоа, запленето е и нелегално оружје и друг доказен материјал.