Владата во моментов нема конкретна сума за тоа колкави ќе бидат финансиските импликации од спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, а лани за оваа намена биле издвоени 100 милиони денари, изјави на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Муамед Хоџа.

– По објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Служен весник“ сите институции се обврзани да создадат услови за практицирање на Законот во секојдневието. Секоја институција притоа треба да направи анализа на своите капацитети и зависно од таа анализа да ги преземе и чекорите со кои ќе се подобрат капацитетите и човечките ресурси во однос на остварување на Законот за јазици. Со Законот се предвидува и формирање на Инспекторат што ќе го мониторира исполнувањето на Законот од страна на сите институции. Во моментов немаме точна сума за финансиските импликации, односно колку тоа може да ја чини Македонија, но, во минатогодишниот Буџет беа обезбедени сто милиони денари за спроведување на овој Закон во пракса, одговори Хоџа на новинарско прашање.

Запрашан како ќе се овозможи спроведување на овој закон во општините и институциите каде нема вработено ниту еден Албанец, Хоџа посочи дека Законот важи за сите институции што постојат.

– За оние институции што не го практицираат јазикот согласно Законот за јазици што е во сила, се предвидуваат и казни, рече Хоџа.

На прашање за ставот на Владата на Република Македонија во врска со ставот изнесен од рускиот претседател Владими Путин дека Преспанскиот договор е постигнат со надворешен притисок, пред се, од страна на САД и оти со сила Македонија се сака да се внесе во НАТО, портпаролот одговори:

-Позициите на Владата на Република Македонија во однос на нашето зачленување во НАТО и ЕУ се познати. Не сакаме да коментираме интервјуа на различни личности, бидејќи Владата е посветена на својата цел – нашето зачленување во НАТО и ЕУ. По ратификацијата на Преспанскиот договор кај нас, очекуваме тој да биде ратификуван и во грчкиот Парламент и со тоа Македонија ќе го исцрти зацртаниот пат кон НАТО и ЕУ, рече Хоџа.