Нема тајни хонорарци, ниту се анонимни, ниту тајно ангажирани. Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, за колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост. Тоа се специфични ангажмани кои не може да се реализираат од редот на вработените и за нив не може да се отвори редовен работен однос, истакнаа од Влада.
Од Влада истакнаа дека, на пример, таквите ангажамани се за техничка поддршка за обезбедување видео стримови, за одржување онлајн конференции и онлајн состаноци во услови на пандемија, за графички дизајн, за визуелно прикажување податоци, за обликување јавни огласи и сервисни информации поврзани со активности на владата, поврзани со пандемијата и слично, или на пример ангажман на знаковен толкувач за време на прес-конференции и други јавни настани организирани од Владата.
– Во ваквите ангажмани нема ништо незаконско, никаква злоупотреба, ништо тајно. Тоа не се лица кои се вработени во Владата. Категорично ги отфрламе сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно и недозволиво е вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата. Ја отфрламе и како неточна информацијата дека тоа биле луѓе кои биле платени да споделуваат постови на фејсбук или твитер. Тоа е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните, потенцираа од Влада.
Владата, како што истакнаа, ја врати транспарентноста на сила и постојано ја зголемува, како резултат на што сега се достапни за јавноста огромен број информации и податоци, повеќе од кога било до сега.
– Во однос на објавувањето на имињата на ангажираните со договор на дело, Владата прави дополнителни консултации со Агенцијата за заштита на лични податоци и со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и доколку со проактивната транспарентност не се загрозува заштитата на лични податоци или други законски гарантирани права, тогаш согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, секој заинтересиран барател ќе добие можност за увид на сите податоци поврзани со ангажманите, додадоа од Влада.