Лозарите што го продале своето винско грозје од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016, а досега не им е исплатено, ќе добијат дополнителна помош од државата, одлучи Владата на редовната 119. седница.

Согласно донесената Предлог – одлука, висината на дополнителната помош ќе се утврдува според сортата на продаденото грозје, но нема да е повисока од просечната откупна цена за килограм во периодот од 2014 година до 2016 година.

-Врз основа на евиденцијата на Министерството за земјоделство, како и врз основа на анализите на терен на Државниот инспекторат за земјоделство, утврдено е дека голем дел од производителите на винско грозје го немаат наплатено продаденото грозје во 2014, 2015 и 2016 година. За таа цел, но и за да им се помогне на производителите на винско грозје пред претстојната сезона, се предлага да се исплати продаденото и ненаплатено винско грозје од страна на државата, информира владината прес-служба.

За реализација на оваа дополнителната помош, Владата вчера ја прифати и Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година. Со неа се врши изменување на вкупниот износ на средства предвидени за растително производство и се додава нова мерка како Дополнителна помош за продадено-неплатено винско грозје.