Пописот дефинитивно ќе се спроведе во месец април, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.
-Тој е неопходен на државата. Секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистика операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата. Методологијата е дефинирана, сите подготовки се во тек. Од 1-ви почнува попишувањето на нерезидентното население така што она што е извесно е дека оваа статистичка операција ќе се спроведе, изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.
Истото преку Фејсбук го објави и министерот за правда, Бојан Маричиќ:
-За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението. Од Државниот завод за статистика утрово не информираа дека подготовките за пописот одат во најдобар ред. За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението. Тоа што е многу важно е дека „Евростат“ и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција, објави Маричиќ на Фејсбук.
Тој во објавата за пописот додава:
-Потребно е да се обединиме и конечно да почнеме заеднички да работиме за доброто на државата. Апелирам сите чинители својата политичка енергија да ја трошат во развојот и просперитетот на земјата. Тоа им го должиме на граѓаните, напиша Маричиќ.