Во моментот Сашо Мијалков е на издржување на мерката домашен притвор во неговиот дом. Тој овие денови не ја напуштил државата и цело време бил во Скопје. Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој тврди дека лично немал контакт со Мијалков пред неговото враќање. Потенцира дека ако покаже истрагата одговорност на кого било, треба да има не морална , туку кривична одговорност.

Спасовски во гостувањето на Утрински брифинг изјави дека се води истрага во Јавното обвинителство и назначен е јавен обвинител. До вчера, подвлече, МВР работело со ОЈО во Скопје, со дежурните обвинители во однос на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во бегството, дали се тоа членови на неговото семејство или неговото опкружување, односно обезбедувањето. Важно беше, истакна Спасовски, да се одземат сите телефони и други електронски уреди и документи кои ќе можат да бидат дел од истрагата при претресот на неговата резиденција.

Спасовски тврди дека никој не преговара за ништо и не преговарал со Мијалков за тој да се предаде и оти изрекувањето на пресудата во петок е работа на судот, а тоа ќе ги расчисти сите овие, како што рече, можни дилеми за тоа.

– Нерви изгубивме сите во однос на оваа ситуација и тоа е многу реално и очекувано, секој од нас да биде вознемирен и гневен затоа што џабе вие како Влада спроведувате низа реформи, петтиот пакет економски мерки, преземате подобрување на состојби во други сегменти, кога ќе се случи еден ваков настан, од кој граѓаните навистина очекуваат од нас сериозна одговорност заради тоа што ние зошто одевме по улици, зошто баравме правда. Во јавноста секако дека го нагризува интегритетот овој настан и секој настан од ваков тип ќе го нагризува интегритетот на Владата, затоа што Владата оди на избори, рече Спасовски.

Прашан на кој начин е проценето дека тој е во бегство, министерот Спасовски одговори дека во однос на овој предмет „Таргет-тврдина“ единствена изречена мерка била одземање на пасошот и еднаш месечно да се јавува во судот, како мерки на заштита кои судот ги определил. Ние пратично, подвлекува, не можеме да преземаме, ниту сме имале налог или обрска да преземе каква било активност во однос на движењето на Сашо Мијалков.

-Од моментот кога се добива сознание дека е можно бегство, ние ги применуваме нашите полициски овластувања и во рамки на тие овластувања можете да преземете прикриено полициско дејствување од јавни површини. Тоа не значи следење на кој било. Тоа не е ефикасна метода, но таа е дозволена со закон, рече меѓу другото Спасовски.