Премиерот Зоран Заев по покана добиена од канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и претседателот на Република Франција, Емануел Макрон ќе учествува на Конференцијата на шефови на држави и влади од ЕУ и од земјите на Западен Балкан, што попладне ќе се одржи во Берлин.

На конференцијата ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Целта на состанокот, информираат од владината прес-служба, е да се обезбеди дискусија за политичката ситуација во регионот на Западен Балкан. Фокусот на разговорите ќе биде ставен на можностите за унапредување на регионалната соработка и решавање на отворените прашања, како на пример нормализација на дијалогот меѓу Србија и Косово.

-Во светло на поставените теми за дискусија, успешните договори со Бугарија и Грција, и пристапот на надминување на проблемите и пријателството што го гради С. Македонија, претставуваат модел што другите можат да го следат. Заеднички интерес на сите држави и народи е да има мир и стабилност во регионот, подобрување на регионалната соработка, унапредување на економската соработка, посветеност на демократските реформи и забрзување на процесот на ЕУ интеграции, порачуваат од Владата.

На маргините на посетата, додаваат, премиерот Заев и делегацијата ќе имаат можност за билатерални средби со другите шефови на држави и влади.