И Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците (МПСОЗ) од оваа година ќе има буџет од 20 милиони денари кои ќе бидат наменети за невладини организации.

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како што пишува Слободен печат, побарало од МПСОЗ да учествува при распределбата на парите, но досега не добил повратен одговор. Дополнителни 15 милиони денари се на сметката на Генералниот секретаријат на Владата за истата цел.

– Советот се понуди да му помогне на Министерството околу дефинирање на приоритетите и програмирање на средставата, дизајнирање на јавниот оглас и учество во селекцијата за доделување. Одговор уште немаме и не знаме како тоа ќе оди, изјави за Слободен печат, Фани Каранфилова Пановска, претседателка на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Генералниот секретаријат на Владата во моментов располага со 15 милиони денари наменети за 463 трансфери кон невладини организации.