Владата предлага законски измени со кои ќе се отпишуваат каматите за долгови дадени на извршување, кои граѓаните ги имаат кон државен орган, јавно претпријатие или установа на централно или локално ниво направени заклучно со 31 декември 2017 година, а главниот долг ќе се отплаќа на рати.  Покрај ова  законско решение утре на владина седница треба да бидат усвоени и измени на Законот за извршување со кои се изземаат од извршни постапки граѓаните корисници на гарантиран минимален приход, а  на примателите  просечна плата и пензија  со извршно решение ќе може да им се одзема само петтина од приходот што го имаат.

– Сите предмети дадени на извршување заклучно со 31 декември 2017 година од страна на јавни и државни претпријатија и уставнови се бришат. Доверителите се должни да направат отпис на каматите и репрограмирање на долгот во рок од три месеци од стапување во сила на овој законж, рече на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Според премиерот, со ова се исправа уште една неправда направена во 2011 година, кога старите извршни предмети беа префрлени од судовите на изршителите и нотарите.

– Во сите предмети дадени на извршување заклучно со 2017 година од страна на  сите државни органи и установи  каматите се бришат. Доверителите  во државна или јавна сопственост  со овој закон ќе бидат должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од стапување  во сила на законот. Доверителите кои се во приватна сопственост отписот  на каматите како и репрограмирањето  на главниот долг и трошоците го вршат на доброволна основа, рече Заев.

Тој ги повика и приватните доверители да го направат тоа на доброволна основа и изрази надеж дека тоа ќе го направат особено оние што можат да си го дозволат тоа и да прифатат.

Доверителите со отписот на каматите и репрограмирањето на долгивоте треба да ги информираат извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од отписот на каматите. Со денот  на стапување во сила на овој закон извршителите прекинуваат со присилно извршување на предметите.

Плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот ќе се врши на месечни рати зависно од висината на долгот. За долгови до 10.000 денари на шест месеци, од 10.000 до 60.000 денари на 12 месечни рати, од 60.000 до 120.000 денари на 24  месечни рати, до 240.000 денари на 36 рати,  а над тој износ на 48 рати.

Како што рече Заев, Владата ќе испрати до Собранието уште еден закон со којшто на јавните претпријатија ќе им помогне да ги надминат проблемите за задолженост.

Со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци е предвидено надминување на проблемите во јавните претпријатија основани од општините особено долговите преземени од страна на локалните самоуправи. Каматите ги доведуваа во особено отежнати услови нивното нормално функционирање и  финансиско работење и резултатите за развојни активности. Проблемот се должи на огромниот износ средства во рамки на утврдениот долг кои се по основ на камати на јавните претпријатија кон државните органи и институции и установи. Се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите коишто се државни органи, како и репрограмирање на долговите и трошоците на овие претпријатија со цел нивно нормално функционирање, рече Заев.

Отписот на каматите и репрограмирањето на долгот и за јавните претпријатија исто така  ќе биде на месечни рати, за износ до 300.000 денари на 12,  од 300.000 до 600.000 денари на 24 рати, од 600.000 до 1.000.000 денари на 36 рати, од 1.000.000 денари до 3.000.000 на 48 рати, а над тој износ на 60 месечни рати.

Премиерот ги повика пратениците да ги поддржат измените на законите и, како што речат, да симнат од плеќите на граѓаните уште еден товар и неправда.

– Кога станува збор за добросостојбата на граѓаните вреди да бидеме сплотени сите и да им помогнеме заедно, потенцираше Заев.

Министерката за правда Рената Дескоска, коментирајќи го намалувањето на наградата за извршителите поради што тие вчера штрајкуваа, рече дека Владата презема драстични мерки со цел да им се олесни на граѓаните и оти социјалната правда и грижата за нив имаат приоритет над поддршката на удобните позиции на извршителите.

– Извршителите во нивните искажувања кон нас имаат чувство дека сме повеќе наклонети кон граѓаните и оти правиме крупни чекори кон нив на штета на вршењето на извршителската дејност. Не е лесно да се најдете помеѓу две вакви страни, но мислам дека она што денеска го промовираме како принцип на социјална правда и грижа за граѓаните ќе имаат приоритет над она што ќе значи поддржување на удобните позиции на извршителите. Секако, нема да одиме на варијанта на целосна неефикасност на извршувањето, но сепак приоритет ќе добијат правата на граѓаните да имаат пристоен живот и да не бидат постојано под притисок да бидат предмет на наплата за нивните долгови и особено на каматите, рече Дескоска.