И покрај тоа што Велика Британија најави олеснување на мерките и обнови работа на дел од бизнисите, зголемените расходи за поддршка на невработеноста на Лондон покажуваат дека економијата се уште се соочува со сериозни потешкотии.

Компании на Островот побарале помош за заштита од невработеност за 100.000 лица во изминатата недела како дел од планот на Владата за поддршка до вкупно 9,2 милиони работни места.

Во истиот период расходите на Кабинетот на премиерот Борис Џонсон во таа насока се зголемиле до 22,9 милијарди фунти или 28,5 милијарди долари од 20,8 милијарди фунти една недела претходно, јави Блумберг. Тоа е најголем раст на расходите од почетокот на јуни досега.

Зголемувањето се објаснува до извесен степен со тоа дека платите на голем дел од вработените вклучени во програмата се исплаќаат во втората половина од месецот. Од друга страна од самоосигурениците кои се во друга програма, 2,6 милиони побарале државна помош од 7,6 милијарди фунти.