Иако немаме ниту една доза вакцини досега, власта како да е позагрижена за тоа што опозицијата бара да нема попис годинава, поради пандемијата на коронавирусот, отколку од фактот дека сите земји во Европа имаат вакцини и почнаа имуницација, а само Македонија и Косово се на опашката на Европа со имунизацијата.

И по објавата на методологијата за пописот од страна на Државниот завод за статистика во петокот, не стивнуваат реакциите за неговото спроведување. Од Владата најавуваат дека попишувањето ќе се врши со најстрого почитување на здравствените протоколи од Министерството за здравство. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за стопирање на пописот со собирање потписи од граѓаните.

Препораката на Мисијата на ОБСЕ во земјава е дека е важно да се спроведе пописот кој ќе овозможи креирање на идните политики во државата врз основа на ажурирани податоци.

Првиот човек на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Клеменс Која во интервју за МИА нагласи дека Законот за попис е работен според најдобрите практики и стандарди од различни институции и оти многу земји исто така планираат попис годинава, а клучниот предизвик во услови на пандемија, ќе биде да се осигура безбедноста и здравјето на сите инволвирани во процесот.

– Охрабрувачки е тоа што некои од опозициските партии го поддржаа усвојувањето на Законот за попис, дури иако не постоеше целосен консензус. По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат, истакна Која.

Од Владата излегоа со соопштение во кое посочија дека комбинираниот пописен метод ќе обезбеди повеќе можности, базирајќи се на комбинација на податоци добиени на терен и со користење на податоци добиени од постоечки регистри поврзани со користење на Единствениот матичен број на граѓанинот.

За првпат, како што истакнаа од Владата, теренско попишување ќе се спроведува со користење на преносни компјутери од попишувачите, наместо досегашните хартиени прашалници.

– На овој начин се намалува потребното време за прибирање на податоците, се намалуваат трошоците за пописната операција, потребно е помалку време за обработка на податоците, конечните податоци од пописот ќе се добијат побрзо и ќе се обезбеди многу повисоко ниво на квалитет на податоци од пописот, истакнаа од Владата, додавајќи дека попишувањето ќе се врши со најстрого почитување на здравствените протоколи од Министерството за здравство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера повтори дека остануваат на ставот да се стопира пописот бидејќи сметаат дека една ваква сложена статистичка операција не треба да се одржува во услови на пандемија. Според него, методологијата што ја објави Државниот завод за статистика ќе доведе до двојна операција.

– Ја разгледав методологијата. Практично методологијата за пописот прави една двојна операција. Најпрвин велат дека постојат бази на податоци кои ги содржат параметрите што се потребни да дадат одговор на прашањето кое е резидентно население, а кое е населението кое изминативе година дена го одјавило своето живеалиште во Македонија, за потоа во вториот дел да велат „попишувачите на терен ќе ја констатираат таа состојба“, изјави Мицковски при вчерашната посета на индустриската зона „Чојлија“.

Предлага да се користат само електронските бази на податоци со кои располагаат институциите, а на терен да се посетат само оние за кои постои сомнеж во податоците.

Според претседателот на Собранието Талат Џафери, ако има политички договор за одлагање на пописот, тогаш тоа треба да се спроведе во закон. Во интервју за МИА, тој не сакаше да ги коментира политичките изјави околу одложувањето на пописот, но вели дека само политичкото изјаснување во смисла на размислување е недоволно за една ваква одлука.

– Ако сметаат дека треба да се одлага, тогаш треба политичка одлука за тоа. Таа политичка одлука треба да се преиначи во законско решение. И за колку време би се одлагал тој попис? Според она што го слушам, да се одлага за јуни или јули. На што се заснова тој предлог? Во контекст на ковид, што би значело тоа. Има некој информација дека во јуни, јули ќе заврши пандемијата, па ќе можеме да го спроведеме или, пак, ќе дојдеме во законска празнина и тогаш уште да влеземе во правен хаос. Што ако не се одржи во јуни или јули, ако предусловите се и тогаш како што впрочем и беа за изборите 2020 година оти проценивме јуни-јули ќе биде ситуацијата поинаква. Да, беше поинаква само во негативна конотација. Затоа велам само политичкото изјаснување во смисла на размислување како што се кажува е недоволно за оваа одлука. Има закон, или ќе се приклучат сите да го извршуваат законот, или ќе се случи тоа што најавуваат дека ќе се случи. Едни најавуваат дека собираат потписи, други велат ќе спроведеме закон, трети велат некои други предуслови. Тоа е веќе политичка дебата во која јас како претседател на Собранието не би сакал да се вклучам. Надлежностите на Собранието беа да се донесе закон, се донесе закон, се пропишаа рокови, истакна Џафери во интервјуто за МИА.

Пописот е планирано да се одржи во првата половина на април годинава. Според Државниот завод за статистика, со него ќе се обезбедат податоци за три категории на население и тоа: вкупно резидентно население, вкупно нерезидентно население и вкупно попишано население – категорија која ги опфаќа претходните две категории население.