Обраќањето на потпретседателот Александар Николоски на конференцијата на Европската народна партија е најдобар показател за партнерските односи на ВМРО-ДПМНЕ со ЕНП (EPP), соопшти денеска опозициската партија, во врска со лажните вести кои се раширија за нејзино исклучување од ЕНП.

– Вистината е дека ниту имало отпочнато постапка, ниту во моментов се води постапка за исклучување на партијата од ЕНП. Секоја друга информација е тенденциозно ширење на лажни вести и невистини. Државната агенција МИА мора да постапува професионално, водејќи се по основните етички новинарски стандарди на објективност и непристрасност. Државната агенција МИА не смее да објавува неточни и непроверени вести и информации повикувајќи се на неименувани извори, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ повика да бидат објавени изјавите на кои се повикува дописничката на МИА од Брисел.

– За да бидат отстранети сите дилеми околу вистинитоста на информациите кои ги објавуваше МИА изминатиов период со цел да се креира мислење дека ВМРО-ДПМНЕ е пред исклучување, јавно повикуваме да бидат објавени изјавите врз кои се базираа текстовите од Брисел. Се друго би било шпекулација и непроверена интерпретација, според терминологијата што ја употребува агенцијата, се вели во соопштението.