Картелот на чело со Коте Заев нема идеи и визија за државата, па повеќе од една година се фалат и ги претставуваат како свои проектите на ВМРО-ДПМНЕ, како што е и експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, со обезбедени средства и отпочната градба уште во 2015 година, реагира најголемата опозициска партија, по повод денешното помпезно сликање и фалење на актуелната власт со почнувањето на уште еден проект на „бившиот режим“.

– Патот Ранковце – Крива Паланка е во должина од 26 километри и неговата изградба беше поделена во две фази. СДСМ наместо да се фали со проектите кој друг ги овозможил и започнал треба да одговори на граѓаните каде се ветените 600 километри нов автопат и 550 километри нови магистрални патишта. Граѓаните не можат да бидат манипулирани. Граѓаните знаат кој колку направил за Република Македонија. Со СДСМ државата пропаѓа, гласи реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по сликањето и изјавите на Заев во Ранковце.

Повеќе од една година Република Македонија стагнира на инфраструктурен план, додаваат од опозициската партија.

– Десетиците автопати и експресни патишта кои беа во тек на градба од времето на ВМРО-ДПМНЕ беа запрени без причина скоро цела година. СДСМ нема капацитет да создава и гради. Единствен проект кој СДСМ го направи на полето на инфраструктурата е организирањето на чочек во тунелот на автопатот кој ВМРО-ДПМНЕ го направи. Една година беше доволно за граѓаните да се потсетат како изгледа државата кога СДСМ е на власт. Стопирање, стагнација, немаштија. Република Македонија не смее да продолжи во овој правец. Државата мора да се врати на патот на просперитет. СДСМ и Коте Заев мора да си заминат, за Македонија да победи, се вели во реакцијата.

За потсетување на читателите, овој „проект на Заев“ е најавен во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред година и пол, на 11 јануари 2017 година, пратеничката во Собранието на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка Слаѓана Митовска во „Република“ најави неколку инфраструктурни проекти кои, како што рече, се од круцијална важност за жителите на овој град. Најзначаен меѓу нив е новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, во должина од 26 километри.

– Граѓаните на Крива Паланка ни ја дадоа довербата и гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и програмата „Реално“ зашто во неа препознаа реални капитални проекти кои се од исклучително значење за сите нив. Еден од тие проекти е експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, во должина од 26 километри и широчина од 12,5 метри, со проценета вредност до 78 милиони евра. Станува збор за модерен пат со четири ленти, по две во двете насоки, со 22 мостови, 2 клучки, 9 натпатници и 13 пропусти. Изградбата на овој пат е значајна за жителите на Крива Паланка и Ранковце, како и за целиот североисточен регион и за сите кои транзитираат кон Република Бугарија зашто ќе обезбеди побрз и побезбеден сообраќаен проток, изјави Митовска.

Инаку, денеска премиерот Заев, министрите Горан Сугаревски, Љупчо Николовски и други владини и партиски функционери се сликаа и даваа изјави во Ранковце, по повод градбата на „проектот на бившиот режим“, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.

А од партиското седиште на СДСМ одговараат со контрареакција и наместо аргументи, ја повторуваат мантрата „за провизии, за пропусти на автопатите и пустошот што го остави зад себе“.

– Експресниот пат Крива Паланка – Ранковце е дел од инвестицискиот циклус од 270 милиони евра на Владата предводена од СДСМ со којшто се градат или реконструираат 60 патни правци во вкупна должина од 800 километри низ целата држава, се вели во контрареакцијата на СДСМ.