Македонија нема да отстапи од своите позиции во процесот на евроинтеграциите сè додека не добие јасни, цврсти и писмени гаранции од Европската Унија, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Тој оцени дека државата веќе еднаш платила висока цена поради, како што рече, погрешните политики на СДСМ и тогашното раководство на партијата. Според Манасиевски, промената на уставното име била направена со уверување дека тоа ќе обезбеди сигурен пат кон членство во Европската Унија, но наместо тоа следувале нови условувања и блокади.

„Овој пат нема да има отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека секој чекор навистина ќе значи реален напредок во евроинтегративниот процес“, изјави Манасиевски.

Тој упати критики и кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кого го нарече „специјален бугарски пратеник“, додавајќи дека наместо да бара уставни измени, треба да побара од бугарските власти почитување и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Манасиевски порача дека без гаранции од Европската Унија нема да има уставни измени, а без исполнување на пресудите од Стразбур од страна на Бугарија нема да има промена на македонската позиција.

„Македонија ќе продолжи по европскиот пат, но достоинствено, заштитено и без прифаќање на уцени и диктати“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.