Се потврди уште една јасна и недвосмислена лага на Христијан Мицкоски и намерно неспроведување на реформската агенда – обвини денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче, нагласувајќи дека премиерот ја кочи европската перспектива на државата и не ја спроведува реформската агенда, по истекот на рокот, 1 јуни поставен за усвојување на клучните закони.
Според Филипче, од предвидените 16 закони кои требало да бидат донесени до јуни 2025 година, усвоени биле само шест, додека од десетте закони за кои бил продолжен рокот до јуни 2026 година, донесени се само два.

– Реализацијата е само 20 проценти, што покажува дека Владата нема ниту капацитет ниту волја да ги спроведе реформите – рече Филипче.
Тој посочи дека и дел од законите што Владата ги смета за реализирани не се усогласени со европските стандарди, особено Законот за електронски комуникации и Законот за Судски совет.
– Законот за Судски совет не е донесен согласно препораките на оценската мисија, туку претставува манипулација со која се обидуваат да ја доведат во заблуда Европската Унија – истакна Филипче.
Според него, постои и листа од 33 закони кои сè уште не се донесени, а се клучни за реформската агенда и треба да бидат усвоени до крајот на 2026 година.
Филипче оцени дека состојбата со владеењето на правото и независноста на институциите е незадоволителна, а доцнење има и кај законите од енергетиката и финансиската транспарентност, кои се услов за користење средства од Европската Унија.
Тој нагласи дека додека „С. Македонија заостанува, земјите од регионот напредуваат“.
– Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори, а кај нас реформите стагнираат – посочи Филипче.

На прес-конференцијата, тој повика Владата да распише референдум за европскиот пат на државата.
– На крај памет не ви паѓа како живеат граѓаните тука во државата. Распишете референдум и час поскоро продолжете го европскиот пат затоа што немате право никакво ни политичко ни морално ова да и го правите на Македонија и на генерациите коишто со години чекаат да се случи европската приказна. Посебно на новите и младите генерации кои ако не го направите чекорот којшто не е никаков ризик нашиот идентитет и јазик едноставно тука ќе се иселуваат во се поголем број – рече Филипче.
Тој предупреди дека одложувањето на реформите може да доведе до натамошно иселување на младите и пропуштање на, како што оцени, клучна можност за европска иднина на државата.
фото: принтскрин




