Членот 8 од капитулантскиот договор со Грција со која се предвидува комисија за ревидирање на културата и археологијата, Грција може да го употреби како кочница во ЕУ интеграцијата на Република Македонија, кога и да посака, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа значи дека и преименувана Република Македонија во Северна, повторно може да се судри со истиот проблем при евроинтеграциите.
– Зоран Заев и СДСМ ги злоупотребуваат македонските евроинтеграции за да го оправдаат капитулантскиот договор кој го потпишаа со Грција, и на тој начин се откажаа од се што е македонско. СДСМ одбива да одговара на прашањата околу капитуланскиот договор. Тоа е заради фактот дека договорот е штетен и може да предизвика неповратни последици по македонскиот идентитет. Со договорот се губи институционалниот идентитет кој е значајна компонента на националниот, односно СДСМ со преименувањето на институциите го менува и идентитетот на Република Македонија. Со членот 8 од договорот се предвидува комисија за ревидирање на културата и археологијата и Грција може да го употреби тоа како кочница во ЕУ интеграцијата кога и да посака. Заев и СДСМ сакаат да станеме народ без корен, држава без историја, народ без културно историско и археолошко наследство, а младите да учат од некаков си хибриден образовен систем по желбите на нашиот јужен сосед, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМне го обвини Заев дека се согласи на распродажбата на националните и државните интереси од само една единствена причина, а тоа е да го покрие криминалот што го прави картелот на власт.
– Петнаесет месеци колку што се на власт Заев и СДСМ покажаа дека оваа влада ќе остане запаметена како најлошата во поновата македонска историја. Тоа што Македонија назадуваше на листата на транспарентност и е најкорумпирана земја во Европа не зависи од капитуланскиот договор. Тоа што растот на БДП е бетониран на нула не зависи од капитуланскиот договор. Тоа што имаме најниски плати во регионот, а земјоделците немаат пласман и осиромашуваат не зависи од договорот. Тоа што умираат деца без соодветна грижа, додека се делат крвави тендери во здравството на фирми штотку регистрирани, не зависи од договорот. Тоа што образованието тоне и на први септември нема книги за учениците не зависи од договорот. Тоа што криминалци се пуштаат на слобода, а убиецот на Мартин Јанушев ја избегнува правдата не зависи од договорот, се вели во соопштението.
Натаму се додава дека ова се должи на неспособноста на расипничката власт.
– Се ова ќе се смени откако Заев ќе си замине. За да се смени националната катастрофа која ни се случува во овие 15 месеци, не мора да се откажеме од нашиот идентитет. Доволно е народот да му каже доста на Заев, велат од опозициската партија.
СДСМ, пак, во своето соопштение го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го цензурирале говорот на лидерот Христијан Мицкоски:
– ВМРО-ДПМНЕ покажува дека е без политички компас, дека нема јасен правец на делување и дека е во тотална конфузија, и тоа токму во еден од најважните периоди за иднината на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ го цензурираше говорот на нивниот претседател Мицкоски во Кичево. Од говорот на Мицкоски на официјалниот канал на ВМРО-ДПМНЕ цензурирани се неколку реченици кои побудија најголем медиумски интерес. ВМРО ДПМНЕ го цензурираше Мицкоски која самиот за себе вели: „Кој е Мицкоски да му каже на народот што треба да прави?“
Партија што се автоцензурира и менува сопствени содржини, покажува дека нема јасни ставови, дека во неа владее целосна конфузија, дека не го почитува ниту сопствениот збор ниту граѓаните, се вели во соопштението од владејачкиот СДСМ.
Натаму се додава „повикуваме на сериозност во овие историски моменти за Македонија“.
– Станува збор за иднината на државата, за иднината сите наши деца, на сите наши граѓани. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се стабилизира, да се преиспита и да се вклучи во процесите кои носат членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Добро е и за ВМРО-ДПМНЕ, за нејзините членови и за самиот Мицкоски, што поскоро да се освести, да повика да се излезе на референдумот, да повика за влез во ЕУ и НАТО со заштитен македонски идентитет.