ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека доколку се одржува лидерска средба прва тема треба да бидат предвремени парламентарни избори.

Потоа, како што изјави денеска на прес-конференција портпаролот на партијата Димче Арсовски, може да се зборува и за други теми, како пописот, изборен законик или закон за СЈО, кои ги најави денеска премиерот Зоран Заев.

-Во однос на лидерската средба веќе и претседателот Христијан Мицкоски се изјасни. Ние сме децидни дека на таа лидерска средба како прво и единствено прашање мора да се разговара како прва точка за предвремени парламентарни избори. Во однос на денот и времето и локацијата, дополнително ќе биде анализирано во органите на партијата и ќе биде одлучено согласно агендите на претседателот и временските можности, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

На таа лидерска средба, додаде тој, мора да се разговара за предвремени парламентарни избори, а веднаш потоа може да се разговара за се останато. Значи прва и единствена точка на разговор треба да биде предвремени парламентарни избори.

Арсовски додаде и оти кај премиерот Зоран Заев и во неговото денешно обраќање можело да се види оти нема расположение за избори и дека тој едноставно бега од избори со самото тоа што кажал дека може да се разговара за Изборниот модел, меѓутоа да не бидат притисок предвремените парламентарни избори.

-Со самото тоа тој покажува дека се плаши и бега од избори, од проста причина како што знаете целата јавност е сведок на големата корумпираност на неговото давење во скандали, на најкорумпираната влада во моментот, на наместени тендери, на лични провизии инт. Така што, единствен во моментот кој што бега од избори е Зоран Заев и тој самиот го потврди денеска уште еднаш тоа, рече Арсовски.